„Ова може да биде клучна недела за дипломатијата“ во врска со мировниот план Украина-Русија, децидна е високата претставничка на Европската Унија, Каја Калас, откако синоќа завршија четиричасовните разговори меѓу украинските и американските претставници.
Разговорите во САД беа тешки но продуктивни, а сега на потег е специјалниот претставник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, кој неделава треба да се сретне со Путин во Москва.
Калас, најавувајќи ги разговорите со шефот на украинската дипломатија и министерот за одбрана, јасно укажа дека руската армија претставува ризик за сите соседни земји. Таа ја посочи и Белгија, но тука, рече, се земјите-членки на ЕУ кои се подготвени да ги споделат тие ризици.
- „Па, генерално, не мислиме дека е исправно да се навлегува во, знаете, одлуките на суверените земји за тоа колку е голема нивната армија. Но, мојата поента беше дека ако има притисок врз украинската армија која не нападнала никого, тогаш треба да има притисок и врз руската армија. И навистина руската армија е онаа што всушност претставува ризик за сите, и не зборувам за европските земји, туку за сите соседни земји на Русија. Ако ги погледнете тие 19 земји што ги нападнале во последните 100 години, мислам дека сите се во опасност. Ако руската армија е голема, ако нивниот воен буџет е толку голем како што е сега, тие ќе сакаат повторно да го користат“ – Каја Калас, висока претставничка на ЕУ.
НАТО и ЕУ ќе одржат неколку состаноци оваа недела фокусирани на Украина. Калас вети дека на советот во декември ќе биде донесена одлука за финансирањето на Украина.
Американскиот претседател Доналд Трамп на летот од Флорида кон Вашингтон, пред новинарите рече дека мировните разговори „течат добро“, но дека Украина има некои тешки мали проблеми, потенцирајќи ја ситуација со корупцијата во земјата. Сепак, Трамп не даде прецизен одговор дали тоа е пречка за постигнување мир.
- „Украина има некои тешки мали проблеми. Тие имаат некои тешки проблеми. Но, мислам дека Русија би сакала да види како завршува, мислам дека Украина, знам дека Украина би сакала да го види како завршува“ – Доналд Трамп, Претседателот на САД.
- „Тукушто рековте дека Украина има мал проблем“, потенцираа новинарите.
- „Па, имаме ситуација со корупција, што не е од помош,“ рече Трамп.
- „И дали тоа ги попречува мировните преговори?“, прашаа новинарите.
- „Реков дека се случува три години, нели? Нели го кажав ли тоа? Три години го кажувам тоа. Значи, бев многу пред предвиденото, но мислам дека има добри шанси да постигнеме договор“, одговори Трамп.

Во последниот руски напад со балистичка ракета врз Дњепарк загинаа најмалку четворица луѓе, а 22-ца се повредени. Оштетена е цивилната инфраструктура, а пожар избувнал во петкатна станбена зграда.

Нападот се совпадна со пристигнувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Елисејската палата во Париз за да разговара со францускиот претседател Емануел Макрон, како дел од серијата дипломатски активности насочени кон посредување околу условите за потенцијално примирје во речиси четиригодишната војна меѓу Украина и Русија.
Билјана Ставрова
