Откако многу граѓани се пожалија и реагираа дека не добиле уплата од УЈП за скенираните сметки преку „МОЈ ДДВ“, директорката на УЈП Елена Петрова денеска соопшти дека исплатата оди, но имало технички проблем.
Петрова објасни дека кај дел од корисниците може да се појави застој во исплатата, најчесто поради технички причини како што е невалидна трансакциска сметка, што не зависи од УЈП. Таа нагласи дека повратот за третиот квартал се обработува по поднесувањето на пријавите и дека процесот е во тек.
Од УЈП информираат дека средствата преку мерката „Мој ДДВ“ се реализираат, а до четвртокот на сметките на граѓаните веќе се префрлени 552 милиони денари. Подготвени се и налози за исплата на дополнителни 370 милиони денари, кои ќе бидат префрлени веднаш по техничката обработка и санирањето на техничкиот застој. Станува збор за околу 15 милиони евра.
