Ново лизгање на земјиште на Водно го активираше алармот кај Центарот за управување со кризи и Општина Центар.
Итен координативен состанок беше свикан со учество на бројни институции, меѓу кои Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за градежништво, МВР, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Град Скопје и Градежниот факултет.
Градоначалникот Горан Герасимовски и директорот на ЦУК, Мухамед Али излегле на терен и заклучиле дека критичната зона мора итно да се стабилизира со изградба на потпорен ѕид.
Бидејќи локацијата се наоѓа на приватен имот, за вакви градежни активности е потребна одлука од Владата, која веќе добила официјална нота за интервенција.
На состанокот било нагласено дека Град Скопје уште во 2022 година бил задолжен со записник од ЦУК да изработи проектна документација за прифаќање на атмосферските води од Водно, што дополнително ја потенцира потребата од итни мерки за заштита од свлечишта.
