Американскиот претседател Доналд Трамп отстапи од ултиматумот што ѝ го даде на Украина за потпишување на мировниот план до четврток. Таквата одлука ја образложи со напредок во преговорите меѓу Москва и Киев за крај на војната. За руската страна рече дека се согласила на некои отстапки, без да наведе детали.
Рамката на САД за крај на војната меѓу Русија и Украина, која минатата недела ја објави „Ројтерс“, предизвика загриженост во Киев и низ Европа поради можноста од обид на американската администрација да ја принуди Украина да прифати договор кој е силно наклонет кон Кремљ.
Трамп потврди дека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф ќе отпатува во Москва во текот на наредната недела на состанок со Владимир Путин и оти во целиот процес е вклучен и неговиот зет Џаред Кушнер кој учествуваше во постигнување на кревкиот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
