Вести Македонија

Расте бројот на фемициди – ХЕРА бара итни мерки

Во последните три години во земјава регистрирани се 12 фемициди, а четири од нив се случиле годинава. Предолго се молчи за родово базираното насилство, кое сè почесто завршува со најтрагичен исход. Од ХЕРА велат дека жените не се чувствуваат безбедно и голем дел од нив ниту знаат да го препознаат насилството, ниту каде да побараат помош. Тие потенцираат дека секоја задоцнета институционална мерка може да значи изгубен живот.

  • „Бараме поголема меѓусекторска соработка. Во превенцијата огромна е улогата на образованието. Треба да се доближат овие теми до младите за да се научат да препознаат ризик, да побараат помош и да изградат здрави односи. Бараме соработка и навремено реагирање од Центрите за социјална работа, МВР, Министерство за правда и судовите“, кажа Марија Ѓорѓиевска од ХЕРА.

Студентите кои се волонтери во ХЕРА потсетуваат дека бројките носат човечки лица, судбини и трауми кои не смеат да останат невидливи.

  • „Треба да го кренеме гласот што повеќе. Овој меѓународен ден за борба против родово базирано насилство врз жени треба да ни биде показател за тоа како ние треба да се избориме за подобро граѓанско општество и институции кои работат“, кажа Савче Ѓошева, студентска правобранителка на УКИМ.

Од денес до 10-ти декември трае 16 дена активизам – светска кампања против родово базирано насилство. Од Националниот совет за родова рамноправност ги повикуваат жените кои се соочуваат со овој проблем да пријават.

  • „Нашата денешна порака е јасна – ниту една жена не смее да биде оставена сама. Насилството не е приватна работа туку тоа е општествен предизвик. Секој од нас има одговорност да реагира, да поддржи, да пријави. Ги охрабрувам жените да се соочат со насилството и да се обратат до бесплатната линија 141700 која функционира 24 часа“, изјави Савка Тодоровска, Национален совет за родова рамноправност.

Според последниот извештај на Обединетите нации, изминатата година на секои 10 минути била убиена една жена или девојка од партнер или член на семејство. Во 2024 година 83 илјади жени и девојки биле намерно убиени, а во повеќе од половина случаи сторителот бил член на семејството или партнер.

Тамара Марковска

ОН: Минатата година на секои 10 минути била убиена една жена од партнер или член на семејството

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Инфлација под 3 проценти, анализа на цените – Кога ќе поевтини храната?

Дејан Дејан

ПИОМ е неликвиден, доцни со уплатите во вториот пензиски фонд и во ФЗО

Дејан Дејан

(видео) Мицкоски нема преку медиуми да разговара со Таравари за можна коалиција

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе