Вести Локални избори 2025 Македонија Најважни

И навивачки факели и слаба излезност за негативен скопски рекорд, прослави за 55 на ВМРО-ДПМНЕ, сеќавање на минатите рекорди во СДСМ – како помина вториот изборен круг

Ѓорѓиевски избран за градоначалник на Скопје со најмалку гласови на скопските избори од 2000-та наваму. Нова сила расте меѓу гласачите – оние кои не излегуваат. ВМРО-ДПМНЕ со нов раст во број на градоначалници и советници, СДСМ втор ама со стрмоглав пад. 

Меѓу прегратки, честитки и шпалир со навивачки факели кои му ја осветлија патеката низ Триумфалната порта „Македонија“ до кабинетот во Градски парк. Орце Ѓорѓиевски победи на градоначалничките избори во главниот град, но неговата битка со соперникот Амар Мециновиќ извлече на гласачките места едвај нешто повеќе од третина гласачи во Скопје. 

Оние што не гласаат испратија порака, но локалните избори во втор круг се решаваат и со само еден излезен гласач и нема никакви цензуси.

Интересно е дека во 5 од 10-те скопски општини, Ѓорѓиевски има помал резултат од оној во првиот круг и тоа во општини каде неговата партија суверено владее и победува. Во оние другите, пак, има поголем број на гласови и има победа во 9 од 10.

Малиот одѕив донесе и мал резултат, односно со новата територијална карта и избори од 2005-та наваму, Ѓорѓиевски освои под 100.000 е со најмал број гласови избран скопски градоначалник, помалку дури и од Трифун Костовски пред две децении, во 2005-та.

Но, победата е чиста и висока и е една од вкупно 55 на неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ. Партијата на власт победи и во шест од 10 скопски општини и во шест од 10 најголеми општини. Победата на власта ја заокружува ЗНАМ и Димитриевски со трет мандат во Куманово и деветте градоначалници на ВРЕДИ, меѓу кои се и Тетово и Чаир.

На трето место по градоначалници е СДСМ со шест, меѓу кои и Центар, односно намалување минус 10 во градоначалници. ДУИ остана на четири, а изгуби многу, па и во Кичево.

Победата на ВМРО-ДПМНЕ во градоначалници е потврдена и со победа на советнички листи, а во оваа графа во однос на 2021-ва, сите бележат раст, само СДСМ и независните паѓаат. Но, кај СДСМ падот е стрмоглав и троцифрен во изгубени советнички места.

Единствена утеха на социјалдемократите сега е историјата и минатото. Пред само осум години го поставија рекордот со 57 освоени градоначалнички места. ВМРО-ДПМНЕ во два наврата има по 56 градоначалници, а оваа бројка може да ја стигнат и по прегласување во четири општини каде не се исполни цензусот во првиот круг. На минатите бројки може да се потпрат и од ДУИ, сега освоија само 4 градоначалници и се ресетираа на едноцифрен број.

Гласачите го кажаа своето, но многу кажаа и апстинентите, бидејќи повеќе од половина од запишаните, односно најголемо гласачко тело се оние кои не го пополнија своето ливче.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожарите се приближуваат до Бордо, евакуирани стотици илјади луѓе

Kristina Kuzmanovski

Забрана за пиење вода во Булачани, СДСМ бара итни анализи

Kristina Kuzmanovski

Ребаланс на буџетот: Дефицит над 750 милиони евра

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе