Аеродромот во Минхен беше привремено затворен доцна синоќа по повеќето инциденти во кои биле забележани дронови во регионот, последниот од серијата мистериозни прелети во воздушниот простор на земјите членки на Европската Унија. Контролата на летови во Германија ги ограничи летовите на аеродромот набргу по 10 часот навечер и потоа целосно ги прекина, соопштија претставници на аеродромот.
Летовите кон и од аеродромот се обновија во 5 часот наутро, изјави Стефан Бајер, портпарол на германската федерална полиција.
Властите во Германија засега не коментираат кој е одговорен за прелетите.
Според информациите, 17 летови не успеале да полетаат, кои засегнале речиси 3000 патници, додека 15 летови кои требале да слетаат во Минхен, биле пренасочени кон три други аеродроми во Германија и еден во Виена, Австрија.
Стотици патници кои останале изолирани ја поминале ноќта во креветчиња поставени во ходниците на аеродромот, каде им биле обезбедена храна и пијалок а дел биле пренесени во хотели во близина на аеродромот, пренесе германската агенција ДПА.
„На крајот, подобро е дека сме на земја, бидејќи тука сѐ е средено. Секој има покривка, има перница, сѐ што ни треба е тука. Имаме нешто за пиење, за јадење, персоналот е супер, полицијата се грижи ништо да не се случи, што повеќе може да побараме“ – изјави Сабине Мунц, патничка чиј лет беше откажан.
Ова е само последниот од серија инциденти на мистериозно појавување на дронови над аеродромите и друга критична инфраструктура во земјите членки на Европската Унија.
Иако засега не се знае кој е виновен за прелетувањата, европските власти и НАТО членките прстот го посочуваат кон официјална Москва.
Руските власти ги отфрлија обвинувањата за последните инциденти со прелетот на дроновите во Данска.
На форумот за експертите за надворешна политика во руското одморалиште на Црното Море, Сочи, шефот на руската држава, Владимир Путин, саркастично ги коментираше обвинувањата од западните држави.
„Владимир Владимирович, зошто праќате толку многу дронови во Данска?“ – Нема да го правам тоа повеќе. -Немојте! -Нема повеќе. Ни во Франција, Данска, ни во Копенхаген, каде уште велат дека праќаме? Во Лисабон? Но сериозно, разбирате ли што зборат? Ние немаме дронови кои може да летаат до Лисабон. Имаме некои кои имаат долг досег, но таму немаме цели, што е најважната работа. Но, ова е еден од начините на кој сакаат да ја ескалираат ситуацијата, да ги исполнат барањата на шефовите од Вашингтон и да се зголемат трошоците за одбрана“ -се шегуваше Путин со модераторот на дебатата.
Прелетот на дроновите беше една од клучните теми на самитот на ЕУ и европските лидери во Копенхаген, оваа недела, каде беа изразени намери за засилување на мерките за контрола на заканата која доаѓа од беспилотните летала.
Никола Илиевски
