Тројцата обвинети – Мајсуд Мемиши, Алмир Асани и Флорим Арифи – на денешната главна расправа во Основниот кривичен суд признаа дека ја загрозиле животната средина и природа со складирање и создавање диви депонии на улицата „Зендел Џемаил“ во Скопје. Пред судот тие изразија каење за стореното и уверија дека во иднина ваквите постапки нема да се повторат.
Обвинети беа дека од 2020 до септември годинава откупувале старо железо, акумулатори и други материјали без дозвола, со што влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот, а воедно создале диви депонии. Се гонат за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад.
Според доказите, обвинетите оставале, фрлале и непрописно го транспортирале отпадот.
Нивната одбрана смета дека нема докази дека пожарите на депонијата биле на местото каде што бил фрлан отпадот на обвинетите.
„Карактеристично за овој случај е дека се работи за складирање на старо железо и хаварисани возила. Конкретно да кажам дека немало палења и пожари токму на овие места. Нема доказ дека пожарите на Вардариште се на местото каде што биле предметите на обвинетите“, изјави Костадин Веселиновски, адвокат на Флорим Арифи.
Јавниот обвинител предложи тројцата обвинети да бидат огласени за виновни и соодветно санкционирани. Судот ја констатираше нивната вина, а пресудата се очекува да биде објавена наредната недела.
Изминатиов период на депонијата Вардариште имаше неколку големи пожари кога при согорувањето се ширеше чад, пепел и штетни гасови во воздухот.
Тамара Марковска
Б.С.
