Германската влада усвои предлог-закон со кој ќе се овозможи побрзо и поедноставно вработување на странски медицински кадар, вклучително и стоматолози, фармацевти и акушерки.
Целта е да се реши сериозниот недостиг од здравствени работници, при што постапките за признавање на странски дипломи ќе бидат унифицирани и дигитализирани.
Законот, предложен од министерката за здравство Нина Варкен, сега треба да добие одобрение од парламентот.
Министерката нагласи дека побрзите постапки нема да ги компромитираат високите стандарди за безбедност и квалитет на здравствената заштита во Германија.
Според официјалните податоци, на крајот од 2024 година во Германија биле вработени 68.000 странски лекари без германско државјанство што претставува рекордна бројка и раст од 6,8 % во однос на претходната година.
Статистиката покажува дека во последната деценија бројот на странски лекари е удвоен, при што над 15 % од вработените лекари се со странски пасош.
Т.Д.
