По разговорите во Белата Куќа со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека мировниот договор за запирање на војната во Газа е многу блиску.
Двајцата лидери изразија поддршка за мировниот план во 20 точки кој го подготви администрацијата на Трамп, додека Хамас се уште формално не го добил предлогот.
Според Трамп, премиерот Нетанјаху ќе ја има поддршката на САД да направи сѐ што треба за да го уништи Хамас ако оваа група не се согласи на мировниот план.
Со мировниот план се предлага итен крај на воените операции, а Хамас да ги ослободи 20-те живи израелски заложници и посмртните останки на повеќе од 24 за кои се верува дека се мртви, во рок од 72 часа.
Израел потоа би ослободил стотици затворени Палестинци и потоа веднаш ќе започне доставувањето на хуманитарната помош за Газа.
Со планот се предвидува Хамас да нема никаква улога во управувањето со Газа а се остава отворена и вратата за евентуалната палестинска држава.
