Грчките власти најавија инвестиција од 24,6 милиони евра за целосна надградба на граничниот премин Евзони, со цел да се намалат гужвите, особено во летниот период кога дневно се проверуваат до 25.000 патници.
Проектот предвидува проширување на лентите за влез и излез, подобрување на инфраструктурата и поефикасна гранична контрола.
Но, од 12 октомври стартува пилот-примената на новиот Систем за влез и излез (ЕЕС) на ЕУ, кој вклучува биометриска регистрација за државјани од трети земји.
Претседателот на полицајците од Килкис, Христос Карјотудис, предупредува дека новиот систем може дополнително да го забави протокот, бидејќи се очекуваат технички и логистички предизвици.
Според европските регулативи, ЕЕС системот ќе се применува постепено, во четири фази, во текот на шест месеци. Грција уверува дека е подготвена за усогласување со новите правила, но синдикатите бараат дополнителен кадар за да се избегнат гужви и преоптовареност на граничните служби.
