Речиси секој почеток на учебната година, наместо радост за учениците и нивните родители во осознавање и совладување на нови содржини, проблемот со недостигот на учебници се провлекува во континуитет. Најчесто со овој проблем се соочуваат во четврто одделение по предметот математика и во осмо одделение, но, според Станоева, тоа се случува поради тоа што учениците учат по стара програма, додека по новата програма ќе има сосема нови учебници кои што ќе се печатат во текот на оваа година.
Во основното училиште „Љубен Лапе“ мал е процентот на учебници кои недостигаат. Сите училишта беа навремено известени кон крајот на април и почетокот на мај да го информираат Министерството за образование и наука (МОН) во рок од три недели да направат список што им недостасува, воедно и за бројот на оштетени учебници, но кои се причините поради кои проблемот со учебниците и негово решение е „лет во место“:
„Конкретно јас сега да кажам „министерот е виновен“ не е така, не е виновен, „директорот е виновен“. Еве јас сум во менаџерскиот тим, можеби сме имале некои пропусти, ама ќе ви кажам и зошто. Ние три години немавме ценовник за некои учебници и ако е оштетен учебникот, вие немате врз основа на што да му побарате на родителот да плати. Е, сега исто ќе бидам отворена некогаш и ние сакајќи да ја смириме работата во училиштата, да не ескалира проблемот со родители и деца мораме да балансираме, па велиме добро ајде не е толку оштетен учебникот, па некаде ќе прогледаме низ прсти и велам тоа не е точно, мислам дека не е правилно“, изјави Фоника Станоева, директорка на ОУ „Љубен Лапе“.
Затоа секоја оштета и се она што потпишал родителот треба да се почитува. Тоа треба да важи за сите директори, додава Станоева.
Според министерката Јаневска, училиштата треба да им ги отпечатат учебниците и да им ги дадат на родителите, бидејќи тоа не го сториле во предвидениот рок, дури и во ситуации во кои бил продолжен рокот и повторно самите училишта тоа не го сториле тоа не го сториле.
„На училиштата им рековме да нарачаат учебници, но тие не нарачале, сега казната е што сега тие треба да им ги отпечатат учебниците и да им ги дадат на родителите. Оние родители кои се заинтересирани, па сами тоа го прават, еве ќе речам да издавачките куќи имаат право со 10% од учебниците да ги пуштат во слободна продажба по истата цена утврдена со закон по која што ги откупил МОН“, рече Весна Јаневска, министерка за образование и наука, во гостување во „Вин-Вин“ на Телма во четвртокот (25.09.2025)
Дополнителен проблем за кој вреди да се размислува, согласни се и училиштата и надлежното министерство, е начинот на кој се чуваат книгите и односот кон истите.
Нина Стефанова
