Болки во градите, тешко дишење, вртоглавица и покачен притисок. Ова се најчестите симптоми кај жителите на Трубарево кои денес дојдоа кај дежурните медицински екипи за скрининг. Дел од нив беа препратени на дополнителни испитување на Клиниката за пулмологија, а другите добија упатства за заштита.
Мештаните велат дека во Трубарево се уште мириса од отпадот кој изгоре пред повеќе од 10 дена, особено во утринските и вечерните часови.
Интересот за преглед беше голем и уште во раните утрински часови мештаните чекаа пред пунктовите на мобилните тимови. Велат дека очекувале детален преглед. Пулмолозите кои беа во Трубарево објаснуваат дека ова е скрининг и тука се прави селекција кому му е потребен дополнителен преглед и анализа вклучувајќи детални испитувања.
Голем дел од жителите на Трубарево се земјоделци и тоа им е основен или дополнителен приход. Тие се загрижени бидејќи и по речиси две недели од катастрофалниот пожар немаат добиено никакви насоки што да прават со зеленчукот и градинарските производи во нивните градини и ниви. Пожарот во отпадот беше изгаснат за десетина часа, но мештаните тврдат дека таму секојдневно се појавува чад и дека тие самите интервенираат.
Екипа пожарникари со цистерна се поставени на 24 часовно дежурство во кргот на отпадот на „Ф групација“ Трубарево. Претпладнево два камиони полни со земја покриваа дел каде што има големо количество на литиумски батерии.
Обвинителството отвори истрага за кривично дело „Загрозување на животната средина и природа со отпад“ со која се опфатени фирмата „Ф групација“, Марјанчо Дамевски сопственик на компаниите „Нула отпад“ и „Ле Ман“, неговата ќерка Лора Дамевска и уште две лица. На Дамевски му е одреден триесетдневен притвор додека на останатите осомничени им е изречена мерката куќен притвор.
Oгнен Чанчаревиќ
