Израелските тенковски единици навлегоа во повеќе квартови на Газа во последните 24 часа. Градот е погоден од густи облаци чад, артилериски гранатирања, експлозии и пукање, јави „Си-Ен-Ен“. Израелските сили се наоѓаат во областа „Beach Camp“ на западот и во близина на Исламскиот универзитет на југот на Газа.
Израелската армија користи далечинско детонирање на оклопни возила наполнети со експлозив за уривање згради, според снимки и фотографии кои ги геолоцираше „Си-Ен-Ен“. Армијата тврди дека Хамас користи цивилни објекти како бази за заседи, складишта за оружје, командни центри и влезови во тунели.
Дронови и хеликоптери на израелската војска постојано патролираат над градот.
„Секојa експлозија последниве денови буквално го тресе тлото под нашите нозе. Не фигуративно, туку буквално“, изјави портпаролот на општината Газа, Асем Алнабих.
Израел претходно ги повика жителите да го напуштат градот. Војската тврди дека 640.000 луѓе ја напуштиле Газа, но бројката не е независно потврдена. Сè уште десетици илјади цивили остануваат во градот без можност за евакуација.
