Вести Свет

Британија ќе ја признае државноста на Палестина

Британскиот премиер, Кир Стармер, денеска ќе објави дека Обединетото Кралство ќе ја признае палестинската државност.

Според медиумите во Велика Британија, владата на Лабуристите смета дека сега е моментот да се застане во одбрана на решението за две држави – Израел и Палестина.

Со ваквата одлука, Британија би станала првата држава од групата Г7 (организацијата на најразвиените светски економии) да ја признае државата Палестина. Франција и Канада се очекува да го направат истото на генералното собрание на ОН во Њујорк. Шефот на британската дипломатија, Дејвид Лами, оцени дека ваквата одлука е неопходна за да се одржи во живот процесот за идна палестинска држава, што не значи нејзино брзо формирање.

„Секоја одлука за признавање на палестинската држава, ако тоа се случи подоцна денеска, не значи дека таа ќе се појави преку ноќ. Тоа мора да биде дел од мировниот процес, на границите од 1967-та година. Мора да биде базирана на споделениот главен град, во Ерусалим. Тоа ќе биде конечниот статус. Но, процесот мора да биде одржуван во живот,  процес на кој Обединетото Кралство се обврза во повеќе влади. Значи тоа е одлуката. Тоа не значи дека, како што ноќта доаѓа по денот, еден ден ќе ја признаете и палестинската држава ќе се појави наредниот ден. Никој не мисли дека е толку лесно“ – изјави шефот на британската дипломатија, Дејвид Лами .

Лабуристите на Стармер, досега безрезервно го поддржува Израел во војната против Палестинците во Газа, игнорирајќи ги сите релевантни анализи дека еврејската држава спроведува геноцид.

Признавањето на палестинската државност беше разговарано и во текот на посетата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој беше пречекан со многу помпа и највисоки државни почести во Велика Британија.

Трамп само повтори дека ваквата одлука е едно од ретките прашања за кои постои несогласување меѓу Обединетото Кралство и Соединетите држави, кои остануваат најлојалниот сојузник на Израел, со огромна политичка и воена поддршка.

Секако, бесно реагираше и премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, кој од меѓународниот кривичен суд е баран за воени злосторства и злосторства против човештвото, оценувајќи дека признавањето на Палестина е „награда за монструозниот тероризам на Хамас“.

Палестинската власт на Западниот Брег, оцени дека признавањето на државноста на оваа нација е предуслов а не нус производ во потрагата по мир.

„Верувањето дека може да има мир и безбедност во регионот, без материјализација на независната држава Палестина и остварување на неотуѓивите права на палестинците е заблуда“ – оцени министерката за надворешни работи на Палестина.

А палестинците во Газа, во моментов не се баш во ситуација да размислуваат за геополитика и стратегија за остварување на идеалот на својата државност. Илјадници луѓе и натаму го напуштаат градот Газа, под притисок на жестокото израелско бомбардирање.

„Одиме кон непознатото, одиме јужно кон непознатото. Никој не знае каде оди. Дали ќе се вратиме во Газа некогаш? Тоа само Алах знае. Околностите се тешки, животот уште потежок. Сѐ во Газа е тешко и не се објаснува“ – изјави Фарис Савафири, раселен палестинец од градот Газа.

Палестинската државност во моментов е признаена од околу 75% од 193-те членки на ОН, но без меѓународно признати граници, без главен град и без армија, ваквото признавање пред се има симболично значење.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

СДСМ: Дали Мицкоски и за ослободувањето на Груевски имаше чувство?

Kristina Kuzmanovski

Косово ја прогласи српската министерка Снежана Пауновиќ за персона нон грата

Kristina Kuzmanovski

Со ограничени резерви на гориво, девет авиони над Лондон во вонредна состојба, пренасочени и 14 летови

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе