Отповикување на лиценците на националните телевизии кои се критички настроени против него, најави американскиот претседател, Доналд Трамп, оценувајќи дека 97% од содржините на одредени канали се негативни кон него и работата на администрацијата која тој ја предводи.
Тоа што Трамп не го спомена пред новинарите е фактот дека ако има медиуми кои се 97% критички настроени кон него, има и такви чија програма е стопроцентно ставена во функција на промоција на американскиот претседател, предводени секако од неговиот омилен Фокс Њуз.
Темата за медиумската слобода во САД стана актуелна по откажувањето на комичното шоуто на Џими Кимел од телевизиската станица „АБЦ“ (Ејбиси).
Оваа телевизија реши да го повлече шоуто на Кимел „на неодредено време“, по неговите коментари за убиството на конзервативниот инфлуенсер на универзитетот во Јута, минатата недела.
„Ејбиси“ се одлучи на ваквиот чекор, откако Федералната комисија за комуникации, предводена од човек лојален на Трамп, се закани со регулаторна акција против телевизиската мрежа.
Но што кажа Кимел што беше толку скандалозно?
„Повторно паднавме на ниско ниво во текот на викендот, откако „МАГА бандата“ очајнички се обидуваше да го опише дечкото кој го уби Чарли Кирк како нешто друго освен еден од нив и прават се што можат да добијат политички поени од сето ова“, изјави Џими Кимел, водител на комичното шоу.
Кимел ја коментираше и изјавата на Трамп за тоа како се чувствува по смртта на Кирк, споредувајќи ја со тагата која четиригодишно дете ја чувствува по смртта на рипчето во својот аквариум.
– „Г-дин Претседател, моето сочувство, моето сочувство за загубата на вашиот пријател Чарли Кирк. Може ли да ве прашам господине, како вие лично се држите последниот ден и пол, г-дине?“
„Мислам многу добро. Но, патем, еве тука, ги гледате сите камиони, тие започнаа со изградбата на новата сала за балови во Белата Куќа, што е нешто што се обидуваа да го направат, како што знаете, околу 150 години. И тоа ќе биде убавина. Ќе биде апсолутно прекрасна структура“, одговори Доналд Трамп, Претседател на САД.
Демократската јавност во САД оценува дека одлуката на „Ејбиси“ е резултат на притисокот врз независните медиуми и прекршување на првиот амандман на американскиот устав кој ја гарантира слободата на говорот и медиумите во Соединетите американски држави, во обид за спречување на критиките на администрацијата на Трамп.
Особено затоа што откажувањето на шоуто на Кимел следува откако претходно и националната телевизија „Сибиес“ соопшти дека од наредната година ќе го откаже комичното шоу на Стивен Колбер, кој исто така го таргетира Трамп во своите монолози.
Во американските медиуми, исмејувањето на работата на американските телевизии е редовна пракса на ноќните шоуа и досега ниту еден претседател на САД не бил поштеден, вклучувајќи го и Ричард Никсон, Роналд Реган или Бил Клинтон и Џо Бајден.
Но, ниту еден од нив никогаш не помислил да ги укинува националните медиуми.
Иронично е дека токму МАГА движењето, кое наводно се бори за заштита на слободата на говорот сега се обидува да го исчисти медиумскиот простор од секоја потенцијална критика на актуелниот шеф на државата.
Никола Илиевски
