Путин го разочарал Трамп, со одбивањето да ја запре војната во Украина. Американскиот претседател, на крајот од посетата на Велика Британија, се пофали дека веќе решил седум воени конфликти, но оној кој мислел дека е најлесен – војната во Украина, засега продолжува.
Во однос на ситуацијата во Газа, каде според последниот извештај на ОН, Израел спроведува геноцид врз Палестинците, Трамп и британскиот премиер, Кир Стармер, одлучија да зборуваат повеќе за тоа колку се лоши Хамас, игнорирајќи ја ужасната хуманитарна состојба на палестинската територија.
Благодарност која не може да се изрази со зборови, за пречекот со многу кралска помпа, луксуз и највисоки државни почести. Ова е генералниот впечаток од посетата на Велика Британија, на американскиот претседател, Доналд Трамп, кој денеска имаше заедничка прес конференција со британскиот премиер, Кир Стармер.
Од бројните теми кои беа разговарани, две привлекоа најмногу внимание, особено затоа што во однос на нив, постојат и одредени разлики меѓу двете држави.
Една од нив е Газа, односно израелската војна против Палестинците, која според последниот извештај на ОН, се сведува на геноцид.
Прашан дали тој е единствениот кој може да му каже на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја запре војната во Газа, Трамп не губеше време и веднаш започна да зборува за Хамас.
„Мора да се сетиме на 7-ми октомври, еден од најлошите, најнасилни денови во историјата на светот. Не само таму, туку во историјата на светот. Сакам да има крај, сакам заложниците да бидат ослободени и мислам дека ќе биде ок. Мора да се вратат веднаш заложниците дома. Тоа го сака и народот во Израел. Ги сакаат назад и сакаме борбите да запрат“, рече Доналд Трамп, претседателот на САД.
Британскиот премиер Стармер, кој најави признавање на палестинската државност, најверојатно заради фактот дека неговата досегашна безрезервна поддршка на Израел е еден од факторите кој придонесе за историски нискиот рејтинг кој го има во последните анкети на јавното мислење, на денешната прес конференција како да не сакаше многу да го налути Трамп.
Избегна да говори за ужасната хуманитарна состојба во Газа, која е резултат на Израелската војна, и веднаш продолжи како американскиот претседател да зборува – за Хамас, секако. За својата изјава беше и пофален од Трамп.
„Дозволете ми да бидам многу јасен за Хамас. Тие се терористичка организација која не може да има никаква улога во некоја идна влада во Палестина. Тоа што се случи на седми октомври беше еден од најлошите напади по холокаустот“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
Во однос на Украина, откако не пропушти да се пофали дека неговата администрација веќе решила седум војни за кои многумина сметале дека не можат да се решат на мирен начин, Трамп изрази и разочараност од рускиот лидер, Владимир Путин.
„Војната која мислев дека ќе биде најлесна заради мојот однос со Претседателот Путин. Но, тој ме разочара. Навистина ме разочара. Значи, во однос на Русија и Украина. Но ќе видиме како тоа ќе излезе. Јас мислев дека таа војна ќе биде најлесна, затоа што ги решивме речиси сите други конфликти“, додаде Доналд Трамп, претседател на САД.
Од своја страна, Стармер изјави дека треба да има повеќе меѓународен притисок врз Путин и дека неговите постапки не се постапки на некој кој сака да има мир.
Никола Илиевски
