Вести Економија Топ вести

Народната банка донесе мерки за олеснување на кредитирањето при купување прв стан

Извршниот одбор на Народната банка усвои нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица, кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година.

Гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата за печатот објасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.

  • „За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента.“

Имено, олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката.

  • „Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити“, посочи гувернерот Славески. Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Реконструкција: Правда за земјоделие или за МВР?

Дејан Дејан

„Пулс“ почнал со работа, иако во континуитет не исполнувал услови, кажа обвинителката на денешното рочиште кое на моменти беше тензично

Sasko Dimovski

Финансов директор на Тутунскиот комбинат во Прилеп за фиктивни услуги исплатил повеќе од 23 000 евра

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе