Американската амбасада во Приштина објави дека САД на неопределено време го суспендираат планираниот Стратешки дијалог со Косово, изразувајќи загриженост поради постапките на техничката влада кои, како што се наведува, ги зголемиле тензиите и нестабилноста во земјата.
„Овие околности ја ограничуваат можноста на САД да соработуваат продуктивно со Косово на заедничките приоритети,“ се наведува во соопштението.

САД нагласуваат дека остануваат посветени на зајакнување на заедничките интереси со косовскиот народ, засновани врз стабилноста и мирот како предуслов за економски напредок.
Според амбасадата, изјавите и постапките на техничкиот премиер Албин Курти го попречиле долгорочниот напредок во билатералните односи.
„Дијалогот беше замислен како платформа за унапредување на економските и дипломатските врски меѓу двата народа. Се надеваме дека во иднина ќе постојат услови за продолжување на овие напори,“ додаваат од амбасадата.
