Кремљ денеска соопшти дека актуелната состојба во преговорите меѓу Русија и Украина најсоодветно може да се опише како ставена на „пауза“.
Портпаролот Дмитриј Песков, во брифинг со новинарите, изјави дека комуникациските канали меѓу преговарачите остануваат отворени, но дека не треба да се очекуваат брзи резултати.
„Не можеме да гледаме низ розеви очила и да очекуваме дека преговорите ќе донесат молскавично брзи резултати,“ рече Песков. „Руската страна останува подготвена за патот на мирен дијалог.“
Песков се осврна и на воените вежби „Запад 2025“, кои започнуваат денеска во Русија и Белорусија, велејќи дека тие предизвикуваат „емоционално преоптоварување“ во Западна Европа.
„Русија никогаш не му се заканила на никого. Не беше Русија таа што се приближуваше кон Европа со воена инфраструктура, туку Европа, преку НАТО, постојано се доближуваше до нашите граници,“ додаде тој.
