Најмалку 23 руски беспилотни летала во раните утрински часови го нарушиле воздушниот простор на Полска. Откако биле забележани на радарите, леталата за кои полските безбедносни сили утврдиле дека претставуваат опасност биле пресретнати и соборени од полски и холандски ловци. Нарушувањето на полскиот воздушен простор од страна на руските дронови, Европа едногласно го оцени како најсериозната провокација од почетокот на војната во Украина.
Премиерот Доналд Туск во своето обраќање предупреди дека во моментов неговата земја е најблизу до отворен конфликт уште од крајот на Втората светска војна.
„По сѐ изгледа се соочуваме со голема провокација. Но, во секој случај се консултиравме со нашите НАТО партнери и во комуникација сум со Генералниот секретар. Решени сме да реагираме соодветно на синоќа ако се повторат слични инциденти во следните часови или денови.“
Варшава смета дека станува збор за безобразна провокација затоа што дел од беспилотните летала влегле во полскиот воздушен простор директно од Белорусија, а не преку Украина, што би сугерирало дека дроновите залутале од својот курс. Белорусија соопшти дека веднаш штом ги забележала дроновите ја предупредила Полска, а нејзината противвоздушна одбрана соборила дел од нив“ изјави Доналд Туск, премиер на Полска.
„Преку воспоставените канали за соработка, од 23 часот на 9-ти септември до 4 часот наутро на 10-ти септември, нашите сили на должност разменија информации за ситуацијата на радарите и во воздухот со силите на должност во Полска и Литванија. Тоа им дозволи да бидат информирани за надоаѓањето на неидентификуваните летала кон нивна територија. Тоа ѝ дозволи на полската страна брзо да одговори на дроновите активирајќи ги своите сили на должност“ рече Павел Муравиеко, шеф на Генералштабот на белоруските вооружени сили.
Полска официјално го активирала Членот 4 на НАТО, односно побарала итна средба на сите членки на алијансата.
„Целосната проценка е во тек, но секако, без разлика дали било намерно или не, тоа е апсолутно неодговорно, апсолутно опасно. Но целосната проценка е во тек. Пораката за Путин е јасна, да ја запре војната во Украина и да престане да ја ескалира, што во моментов се сведе на напади врз цивили и цивилна инфраструктура. Да престане да го нарушува воздушниот простор на сојузниците, и да знае дека сме подготвени, дека сме будни и дека ќе го браниме секој еден сантиметар од териториите на НАТО“ рече Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Москва одби да ги коментира обвинувањата дека со провокација се обидува да го ескалира конфликтот во Украина.
„Лидерите на ЕУ и НАТО секојдневно ја обвинуваат Русија за провокации, најчесто не се ни обидуваат да презентираат било каков аргумент за тоа“ изјави Дмитриј Песков, портпарол на Претседателот на Руската Федерација.
Полските власти соопштија дека биле срушени само 4 руски беспилотни летала, додека останатите сами се урнале и полицијата ги обезбедува нивните остатоци. Повредени на земја нема, додека еден од урнатите дронови оштетил покрив на куќа во источниот дел на Полска.
Беспилотните летала кои го нарушија полскиот воздушен простор беа дел од последниот голем руски напад врз Украина, во кој руската армија лансираше дури 415 дронови.
Игор Трајков
