Илјадници демонстранти маршираа низ Вашингтон против преземањето на контролата врз полицијата во главниот град на државата од страна на претседателот Доналд Трамп. Зад светлоцрвен транспарент на кој пишуваше „Крај на окупацијата на Д.Ц“. на англиски и шпански јазик, демонстрантите маршираа повеќе од три километри за да протестираат против четвртата недела од патролирањето на трупите на Националната гарда и федералните агенти по улиците на Вашингтон.
-Ова е нашиот дом. Треба да се бориме и треба да се спротивставиме. И не ни требаат Националната гарда или ICE, особено на нашата улица во нашето соседство. А тоа се случува во нашиот дом, па затоа треба да го кренеме нашиот глас, вели жителка на Вашингтон.
-Скоро е како воена состојба, што се случува? Зошто се дозволува ова да се случи?, прашува уште една жителка која протестира.
-Да, па, загрижен сум за толку многу работи што оваа администрација ги прави во својата авторитарна природа. Но, она што го прават во Вашингтон е полошо отколку што му го прават на кој било друг град. И бидејќи имаат право да го прават тоа – ние немаме домашно владеење, немаме свои сенатори или членов на Претставничкиот дом, па затоа сме на милост и немилост на ваков диктатор, иден диктатор, изјави жител на Вашингтон.
Се протестира и во Чикаго пред федералните власти да започнат голема акција за спроведување на имиграциските закони по наредба на претседателот Доналд Трамп. Планот на Трамп за испраќање трупи на Националната гарда и имиграциски агенти во Чикаго ги вознемири многу латиноамерикански жители, поттикнувајќи некои да ги носат своите американски пасоши.
-Чикаго не е наратив каков што луѓето се обидуваат да го прикажат. Затоа, слушањето на Трамп како се обидува да го искористи градот за да го одвлече вниманието од проблемите со кои се соочува секој низ земјата, а за кои тој треба да преземе нешто, е навистина обесхрабрувачки и чувствувам потреба, знаете, да излезам од дома, да излезам на улица и да им кажам на луѓето дека нема да го толерираме тоа и дека ќе ги заштитиме нашите соседи, вели девијче кое ги поддршува протестите во Чикаго.
-Тој сака сите да се плашат. Обожава да гледа дека луѓето се плашат. Затоа ги малтретира најранливите. Но, не, мислам дека не се плашам. Не се плашам. Мислам дека повеќето од нас – мислам, треба да се движиме. Треба да дејствуваме и да се обединиме. Бидејќи заедно можеме да го направиме ова, порачува жителка на Чикаго.
Од друга страна администрацијата на Трамп изјави дека ќе ја засили контролата врз имиграциските закони во Чикаго, како што направи во Лос Анџелес, и дека ќе распореди војници на Националната гарда. Покрај испраќањето војници во Лос Анџелес во јуни, Трамп ги распореди минатиот месец и во Вашингтон, како дел од неговото невидено преземање на главниот град од страна на органите за спроведување на законот.
Кристина Кузмановски
