Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД се подготвени да ги „разнесат“ странските криминални групи, ако е потребно, во соработка со други држави. Изјавата ја даде за време на посета на Еквадор.
Тој најави дека две од најголемите банди во Еквадор – Лос Лобос и Лос Чонерос – ќе бидат прогласени за странски терористички организации.
„Ако треба, ќе ги најдеме и ќе ги разнесеме. Владите кои соработуваат со нас ќе помогнат во тоа“, рече Рубио.
Изјавата доаѓа по воздушен напад на САД врз брод во Карипското Море, при што беа убиени 11 наводни криумчари на наркотици, поврзани со венецуелската банда Трен де Арагуa.
Некои правни експерти предупредуваат дека нападот можеби го прекршил меѓународното право.
Рубио најави и нова американска помош за Еквадор во вредност од 13,5 милиони долари, како и 6 милиони долари за беспилотни летала за борба против нарко-картелите.
Претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа, побара САД и европските држави да му помогнат во борбата со криминалот, кој значително ескалираше во последните години. Тој се залага за уставни измени што би овозможиле враќање на странските воени бази во земјата.
Поради насилството и економската нестабилност, сè повеќе граѓани на Еквадор мигрираат кон САД.
