Смртниот биланс од тешката несреќа со популарниот туристички трамвај во Лисабон се искачи на 17 лица, откако двајца од 23-те повредени им подлегнаа на повредите, соопштија од итната служба.

Сите загинати се возрасни лица, а според претседателката на Агенцијата за цивилна заштита на Лисабон, Маргарита Каштро Мартинс, нивните имиња и националности не се откриваат додека не бидат информирани нивните семејства.

Во несреќата се повредени 21 лице, меѓу кои државјани на Португалија, Германија, Шпанија, Франција, Италија, Швајцарија, Канада, Мароко, Јужна Кореја и Кабо Верде.

Португалија прогласи ден на жалост поради најтешката несреќа во главниот град во поновата историја. Според синдикатот на транспортни работници, меѓу загинатите е и кочничарот на трамвајот, Андре Маркеш.

Трамвајот „Елевадор да Глориа“, кој датира од 1885 година, е голема атракција за туристи, а несреќата се случила во средата околу 18 часот, кога излетал од шините и удрил во зграда.
Причините за несреќата сè уште не се познати, а форензички и полициски тимови работат на истрагата. Властите не сакаат да шпекулираат дали станува збор за дефект на кочниците или пукната сајла.
Повредените се хоспитализирани во неколку болници во Лисабон, а тешко оштетениот трамвај сè уште се наоѓа на местото на несреќата, ограден од полицијата.
