Американски федерален судија донесе одлука со која се наложуваат сериозни промени во функционирањето на пребарувачот на „Google“, во обид да се ограничи влијанието на, како што е наведено, нелегален монопол. Сепак, судот ја одби иницијативата на Владата на САД за распарчување на компанијата и воведување на поригорозни мерки.
Одлуката, долга 226 страници, ја донесе судијата Амит Мехта во Вашингтон, и доаѓа во време кога технолошкиот пејзаж се трансформира под влијание на вештачката интелигенција, вклучувајќи ги новите „AI“ програми како „ChatGPT“ и „Perplexity“, кои се обидуваат да ја нарушат доминацијата на „Google“ во интернет-пребарувањето.
Судот го обврзува „Google“ да споделува дел од своите ексклузивни податоци за пребарување со конкурентите, со цел да се поттикне фер конкуренција.
Исто така, се забрануваат договори со кои „Google“ си обезбедува ексклузивна позиција на уреди како смартфони, компјутери и други дигитални платформи преку апликации како „Gemini AI“, „Play Store“ и „Google Assistant“.
Сепак, судот не ја забрани праксата на „Google“ да склучува мултимилијардни договори (вредни повеќе од 26 милијарди долари годишно) со производители на уреди за неговиот пребарувач да биде стандардно поставен.
Судијата оцени дека ваквата забрана би направила повеќе штета отколку корист.
Исто така, беше одбиено барањето на Министерството за правда „Google“ да го продаде својот популарен „Chrome“ пребарувач, со образложение дека таквиот чекор би бил „непотребен, комплициран и ризичен“.
