Со огромна радост и нетрпение го пречекаа првиот ден на училиште. Без никаков проблем станале рано да ги запознаат своите наставнички и нови другарчиња, Знаења кои ќе им отворат нови видици низ лавиринтите на животот и пријателства кои може да траат цел живот. Во придружба на своите родители, баби и дедовци го проследија интонирањето на химната и музичката програма во нивна чест. Дел од нив знаат дека има многу нешта да се научат и на некои од нив вистински им се радуваат.
- На што најмногу се радуваш ?
-На домашно. Сакам да пишувам домашно.
-Многу ќе учам и многу работи ќе знам после училиште.
-Јас на фудбал, ама повеќе сакам математика. Зошто ? Ако некој ме праша да знам што да му одговорам.
- Дали запозна дел од твоите нови другарчиња во твојот клас?
-Уште не сум запознал, но ќе запознаам.
- Кои од предметите те интересираат најмногу кои сега ќе ги учиш ?
-Не знам. Знам знам ракомет ме интересира, бидејќи брат ми е ракометар !
За второделенците почетокот на новата учебна година е дополнителна причина за радост по летниот период.
-Бидејќи ми се учи.
Колку е важно другарството во училиште и дали имаш другарчиња ?
-Премногу !
За возрасните пак тргнувањето на училиште е уште една носталгична можност да се потсетат на своето детство. На најубавиот период во кој со восхит, растрепереност и одговорност гледате на сето она што следи.
-Среќни, пресреќни. А и таа е среќна, затоа што ќе учи. Вели прво што ќе направам е ќе учам домашна задача, а потоа ќе играм. Во градинка одеше, тоа ти е.
Домашни задачи кои можеби никогаш не ви биле зададени на училиште, но се подеднакво важни и му пркосат на времето, лекции кои се совладуваат уште во најрана возраст. Возраст во која можеби за прв пат се соочувате со нешта кои подоцна се важни аспекти во општеството во кое растете и развивате.
-Комуникација, социјален живот, другарство. Различни социјални статуси, но сите бевме облечени исто. Немаше униформи, но дома ќе се пресоблечеш во кецели. На пример јас јадев лепче и путерче, а моето другарче јаде леб со шеќер и вода и дома ќе ми речат во училиште ќе јадеш тоа што јаде и другото дете. Се развиваше таа свест дека не можеш да бидеш над некој, ако е послаб од тебе.
Денес образовниот систем се соочува со нов предизвик, вештачката интелигенција која ќе почне да се применува веќе од второто полугодие во сите училишта, за сите предмети и во училишшната администрација за кој се обучуваат наставниците. Јаневска им порача на родителите дека овој процес ќе биде строго контролиран доколку ги имаме предвид ризиците и предностите.
„Секако дека многу од тој прирачник кога станува збор за учениците е посветен на етичкиот момент, значи дали ќе го користат неправилно или правилно овој систем, но и за безбедност за зачувување на лични податоци и сите други несакани дејства. Обуките моментално почнуваат и веќе е објавен повикот на Бреинстер за обуки на наставниците , но почнуваат и други обуки не само преку Бреинстер“ изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Денешниот ден беше ден за радост и насмевки. Веќе од утре родителите и нивните деца ќе може да ги лоцираат можните недоследности во образовниот процес: дали ќе има учебници по сите предмети, во каква состојба се истите и што со оние деца кои во моментов ја следат наставата во училишта кои се најблиску до нивното матично училиште додека трае реновирањето што е во надлежност на општините.
Нина Стефанова
