Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Kaја Калас го нападна рускиот претседател Путин, велејќи дека најновиот голем воздушен напад врз Киев, во кој беа оштетени дипломатските канцеларии на ЕУ, покажува дека претседателот Владимир Путин „се потсмева на секаков вид мировни напори“.
Нејзините коментари доаѓаат еден ден по руското бомбардирање на Киев во центарот на градот во кој загина најмалку 21 лице, а 48 беа ранети.
„Вчера ги видовме огромните напади врз Киев. Исто така, беше погодена и европска делегација. За среќа, никој не беше физички повреден, но сепак, мислам, овие напади покажуваат дека Путин само се потсмева на секаков вид мировни напори“, рече таа.
„Она што треба да го направиме е да го зголемиме притисокот врз Русија“, додаде Калас.
Бомбардирањето со беспилотни летала и ракети беше првиот голем руски напад врз Киев во последните неколку недели, додека мировните напори предводени од САД за ставање крај на тригодишната војна го намалија интензитетот.
Кремљ соопшти дека Русија останува заинтересирана за продолжување на мировните преговори и покрај воздушниот напад вчера, кој беше еден од најголемите, откако започна војната во 2022 година.
