Вести Свет Топ вести

17 цивили, од кои 4 деца, убиени во масовен руски напад со дронови во Киев

Трамп срдечно го пречека Путин со црвен тепих на Алјаска, се сретна со Зеленски и висока европска делегација во Белата Куќа и оптимистички најави средба на рускиот и украинскиот претседател за завршување на војната во Украина, но набргу следуваше враќање во бруталната реалност на руската агресија врз соседната држава.

Во еден од најмасовните напади со дронови и проектили врз главниот град на Украина, Киев, Русите убија 15 лица, вклучувајќи и 4 деца а повредени се уште најмалку 48 лица.

Цел на нападите биле станбени објекти, но и повеќе административни згради. Најмалку 20 локации во седум населби во Киев се погодени во руските напади а речиси 100 згради се оштетени, вклучувајќи и голем трговски центар во Киев.

„Во 4 часот наутро, ракетите почнаа да бучат над нас. Тогаш разбравме дека мора да се засолниме. Во моментот кога ја напуштивме куќата, сирените веќе гласно бучеа. Тогаш го чувствувавме тој огромен страв кој целото тело го парализира. Не знаете што да правите. Прво, ужасно е да се слуша звукот на сирените од вашиот дом, и кога ќе излезете надвор, како проектили да ви летаат над главата. Тогаш ракетата помина над нас. Мислам дека падна тука блиску“ – изјави 20-годишната жителка на Киев, Наталија Пономаренко.

Украинските сили соопштија дека Русија лансирала вкупно 598 напади со дронови и 31 проектил од различен вид ширум земјата. Три и пол години по почетокот на руската инвазија врз соседната држава, борбите и натаму продолжуваат со ненамален интензитет а руските бомбардирања како да се интензивираат по секоја најава за можен мировен договор меѓу официјална Москва и Киев.

„Демонстративен терористички напад за да подвлечат дека тие ги напаѓаа и продолжуваат да ги напаѓаат нашата критична и станбена инфраструктура. Мислам дека никој не сака мир во Руската Федерација и ова е предизвик и за нашите меѓународни партнери, зашто денешниот напад, кој беше комплексен, со дронови и ракети, докажува една работа: Русија го следи својот пат, патот на тероризмот“ – рече министерот за внатрешни работи на Украина, Ихор Клименко.

Згрозеност и остра осуда од нападот, во кој материјална штета е предизвикана и во седиштето на мисијата на ЕУ во Киев, изрази и Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

„Нападот од минатата ноќ се случи во близина на нашата дипломатска мисија, претставништвото на нашата Унија. Две ракети паднаа на растојание од 50  метри од делегацијата, во рок од 20 секунди. Ова е уште едно потсетување за тоа со што се соочуваме. Покажува дека Кремљ нема да запре пред ништо за да ја тероризира Украина, на слепо убивајќи цивили, мажи, жени и деца, па дури таргетирајќи ја и Европската Унија“ – изјави Урсула фон дер Лајен.

Фон дер Лајен најави и заострување на режимот на санкции против Русија, преку 19-тиот пакет вакви мерки. Остра осуда за руските напади изрази и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, која ги обвини руските власти дека ги исмејуваат мировните напори, преку ескалација на нападите.

Руската страна не коментира за нападите врз Киев, тврдејќи дека во остатокот од Украина биле таргетирани исклучиво воени цели.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Измама со брзи кредити – две кумановки подигнале над 150.000 евра на име на нивни сограѓани

Дејан Дејан

Ограничениот напредок во заштитата го става Охрид на Листата на светско наследство во опасност

Дејан Дејан

Скендербег, Мисирков, Мајка Тереза се меѓу новите имиња на улици во Тетово

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе