Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен да воведе економски санкции кон Русија, доколку рускиот претседател Владимир Путин не се согласи на прекин на огнот, предупредувајќи на сериозни последици.
„Сакаме тоа да заврши. Имаме економски санкции. Зборувам за економски санкции, затоа што нема да влеземе во светска војна“, рече Трамп.
Трамп не постави нов временски рок за спроведување на санкциите доколку војната во Украина не престане, објави „Си-Ен-Ен“.
„Тоа нема да биде светска војна, но ќе биде економска војна. Ќе биде лошо за Русија“, рече Трамп.
Тој изрази надеж дека сè уште постои пат до медијација за постигнување договор за прекин на војната во Украина.
Трамп, исто така, повторно посочи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски сноси дел од вината за конфликтот.
„Она што мислев дека ќе биде најлесното нешто, се покажа како најтешко“, рече Трамп за војната во Украина, наведувајќи дека сè уште мисли дека ќе може да помогне во завршувањето на конфликтот.
Трамп постојано се закануваше дека ќе воведе санкции против Русија ако не ја прекине војната во Украина и постави временски рамки за тоа, но подоцна ги продолжи, потсетува „Си-Ен-Ен“.
