Австралиската влада го протера иранскиот амбасадор во Канбера, обвинувајќи го Техеран за извршување на антисемитски напади во Сиднеј и Мелбурн.
Истрагата утврдила дека од почетокот на војната во Појасот Газа, во октомври 2023 година, повеќе австралиски училишта, синагоги и возила беа мета на антисемитски вандализам и палење.
Австралиската разузнавачката агенција, која ја водеше истрагата, инцидентите ги поврза со иранската Исламска револуционерна гарда а премиерот Ентони Албанезе изјави дека Австралија ќе ја прогласи револуционерната гарда за терористичка организација.
Во меѓувреме Австралија веќе ја затвори својата амбасада во Техеран, и ги евакуираше дипломатите и персоналот.
„Нема сомнеж дека овие не предизвикани и опасни чинови на агресија оркестрирани од странска држава на австралиска почва ја преминаа границата. Затоа иранскиот амбасадор во Австралија го прогласивме за персона нон грата, исто како и тројца други ирански функционери, и тие имаа седум денови да ја напуштат земјата. Ова е прв пат по Втората светска војна Австралија да протера еден амбасадор. Оваа одлука ја донесовме затоа што иранските постапки се сосема неприфатливи. Ќе продолжиме да одржуваме неколку дипломатски линии за да ги застапуваме интересите на Австралијците“ изјави Пени Вонг, министерка за надворешни работи на Австралија.
