Брод кој пренесува 1.200 тони хуманитарна помош за Појасот Газа заплови денеска од пристаништето во Лимасол на Кипар.
Бродот кој плови под панамско знаме, е упатен кон израелското пристаниште Ашдод, и е натоварен со 52 контејнери храна, како тестенини, бебешка храна и конзервирани производи. Израелската царина веќе ја спроведе проверката на пристаништето во Лимасол.
Зад оваа испорака повторно стои организацијата World Central Kitchen, која во текот на минатата година со поддршка на американската армија од Кипар до Газа успеа да достави 22.000 тони хуманитарна помош.
Оваа испорака на хуманитарна помош доаѓа еден ден откако Хамас соопшти дека го прифатил најновиот предлог на арапските медијатори за примирје во Појасот Газа, предлог за кој Израел сѐ уште не се изјаснил.
Минатата недела, Израел објави план за повторна окупација на истоимениот град во Појасот, а тоа според владата во Тел Авив е причината зошто Хамас по месеци одолговлекување и одбивање, конечно прифатил некаков предлог.
