Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оцени дека Хамас е под огромен притисок, откако палестинската организација соопшти дека го прифатила последниот предлог на арапските посредници во преговорите за примирје во Газа, предлог за кој Израел допрва треба да се изјасни.
„Разговарав со министерот за одбрана и шефот на Генералштабот за нашите планови за Газа и комплетирањето на нашите мисии. Исто како и вас, и јас ги слушнав извештаите во медиумите и од нив добив само еден впечаток, Хамас е под огромен притисок“ изјави Бенјамин Нетанјаху, премиерот на Израел.
Во меѓувреме израелската операција во Газа продолжува следејќи го планот на владата за окупација на истоимениот град во појасот. Планот за проширување на воената операција со окупација на Газа предизвика жестоки реакции од меѓународната и домашната јавност во Израел, која стравува за животите на преостанатите заложници на Хамас.
„Хамас, за првпат после неколку недели одбивање да разговара за било каков предлог за ослободување на заложниците, дури и кога Турција и Катар посредуваа, одеднаш е на масата, без јасна причина. Но, причината нам ни стана јасна во преговорите, а тоа е нивниот страв дека имаме сериозна намера да ја окупираме Газа. Соочени со оваа алтернатива тие сега се подготвени да разговараат“ изјави Кац, министерот за одбрана на Израел.
За разлика од нив, САД повторно застанаа зад Израел, а претседателот Доналд Трамп порача дека заложниците ќе бидат ослободени само откако Хамас ќе биде уништен.
