Вести Свет Топ вести

На медицински третман во Британија пратена првата група деца од Газа

Група од 30 до 50 тешко болни и повредени палестински деца ќе биде евакуирани од Газа во Велика Британија на медицински третман во наредните недели. Станува збор за прва група која ќе пристигне во рамки на владината операција, јавува Би-Би-Си.

Операцијата ја координираат Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство на Велика Британија. Децата ќе ги избере Светската здравствена организација , а ќе патуваат со членови на своите семејства преку трета земја, каде ќе бидат собрани биометриски податоци.

Одлуката следи по писмо што минатата недела го упатија 96 пратеници од различни партии до владата, со повик болните и повредени деца од Газа да бидат веднаш евакуирани. Во писмото се предупредува дека децата се во ризик од непосредна смрт поради колапсот на здравствениот систем во Газа и дека сите пречки за нивната евакуација треба да се отстранат без одложување.

Иако некои деца од Газа веќе биле приватно донесени на лекување во Велика Британија преку иницијативата „Project Pure Hope“, досега владата не спроведе ниту една евакуација во рамки на сопствената програма за време на конфликтот. Во август властите најавија дека плановите за доведување деца на лекување се забрзуваат.

Засега не е познато преку која трета земја ќе патуваат децата, колку точно ќе бидат опфатени и дали ќе има дополнителни групи. Се претпоставува дека дел од нив би можеле да останат во Британија и да поднесат барање за азил по завршувањето на третманот, имајќи предвид дека враќањето во Газа е неизвесно.

Според УНИЦЕФ, од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, повеќе од 50.000 деца се убиени или повредени. Обединетото Кралство досега обезбедуваше средства за лекување на повредени жители од Газа во болници во регионот и соработуваше со Јордан за испорака на воздушна хуманитарна помош.

Децата кои ќе бидат донесени во рамки на владината програма ќе се лекуваат во Националната здравствена служба. Министерството за внатрешни работи соопшти дека биометриските проверки ќе бидат извршени пред патувањето на децата и нивните старатели.

Тешко болни Палестинци од Газа веќе се евакуирани и во други земји, меѓу кои и повеќе од 180 возрасни и деца во Италија.

Обединетите нации предупредија на широка неухранетост во Газа, а експерти минатиот месец изјавија дека се остварува „најлошото сценарио“ со глад. Израел, пак, тврди дека нема ограничувања за доставата на помош и ги обвинува ОН и другите организации за неуспешна дистрибуција.

Според Министерството за здравство под контрола на Хамас, повеќе од 60.000 лица се убиени во Газа од почетокот на израелската воена офанзива. Израелската акција започна по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кога беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 лице беше киднапирано.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Демант од Мелиса Прошева од Кочани на изјавата на адвокатот Зоран Зафировски

Tea Dimkovska

Се капеле во Треска и одеднаш водата ги повлекла – по итен повик биле спасени

Tea Dimkovska

Каква реформа му е потребна на македонскиот пензиски систем?

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе