Српската полицијата со солзавец и топовски удари ги растеруваше илјадниците демонстранти кои протестираат против автократскиот претседател Александар Вучиќ. Жестоки судири и бројни инциденти меѓу демонстрантите со полицијата и поддржувачите на Вучиќ веќе втора ноќ имаше низ повеќе српски градови. Во Ваљево, каде синоќа се уапсени околу 70 луѓе, полицијата ја растерува толпата, но оние кои се веќе на земја добија десетици удари од пендреци. На снимките од социјалните мрежи се гледа како веќе совладан демонстрант, кој добива клоци по телото и главата, полицајците го прашуваат дали е опозиционер.
Десетици учесници на протестите се повредени, меѓу нив и актуелни пратеници од опозицијата. Има претепани и полицајци, официјалната бројка надминува 40. Веќе два дена се апсат учесници на протестите, меѓу нив и 23-годишен хрватски државјанин, кој е обвинет за надворешно мешање во внатрешните работи на Србија.

Во Нови сад, каде што започна бунтот против Вучиќ пред девет месеци, младите луѓе кои извикуваа „Готов е“ ги демолираа канцелариите на владејачката Српска напредна партија од каде зедоа документи и парчиња мебел. Полицијата, како и поддржувачите на Вучиќ, кои ја чуваа канцеларијата со месеци, синоќа ги немаше.
„Денеска беше јасно дека на демонстрациите немаше присутни поддржувачи на Српската напредна партија или на која било друга партија од владејачката коалиција. Посебно, просториите беа нападнати. Тие беа демолирани. Полицијата беше масовно нападната. Тоа беше брутален напад. Морам да кажам дека не сме виделе толку големи напади врз полицијата со години“, истакна Ивица Дачиќ, министер за полиција на Србија.
Во повеќе наврати полицијата во Белград со солзавец ги растеруваше демонтрантите, кои потоа во помали групи се преместија на други локации во градот. Најопасно беше во моментите кога бегајќи во паника со цел да избегаат од налетот на полицијата дел од луѓето паднаа на земја, тука полицијата не ги поштеди. Опозицијата и граѓаните бараат промени.
„Едноставно мислам дека сега е моментот кога сите треба да излеземе и да покажеме дека не сме исплашени и дека нема да успеат нивните обиди да употребат насилство за да ги спречат протестите на луѓето и студентите“, вели Алекса Петковиќ, жител на Белград.
„Мислам дека е застрашувачко, парализирано и дека нешто мора итно да се промени“, смета Радмила Ранитовиќ, жителка на Белград.
„Мислам дека работите ескалираат и дека можеби не очекувале толку многу отпор, толку многу енергија во средината на август, што може да биде многу лош показател за нив“, изјави Зоран Лутовац, член на опозициската Демократска партија.
Вучиќ за провладината телевизија Информер изјави дека „државата ќе победи“ додека најавуваше репресија врз антивладините демонстранти, обвинувајќи ги за поттикнување насилство и дека се „непријатели на сопствената земја“. Тој ги повтори претходните тврдења дека протестите се организирани од странство, без да понуди докази.
Билјана Ставрова
Митровиќ: Ме нападнаа хулигани кои сакав да ги снимам, повреден сум и шиен
