Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, остро реагираше на најавите од израелските власти за продолжување со изградба на населби на Западниот Брег, повикувајќи ги да се откажат од плановите за проектот во областа Е1.
„Овој потег директно го загрозува решението со две држави и претставува кршење на меѓународното право“, порача Калас преку соопштение на Европската служба за надворешни работи, предупредувајќи дека реализацијата на планот би ја прекинала географската врска меѓу Источен Ерусалим и остатокот од Западниот Брег.
Калас побара итно запирање на сите активности поврзани со населување, присилно раселување и уривање домови. Таа предупреди дека ваквите еднострани потези, заедно со насилството на терен, ја зголемуваат тензијата и ја оддалечуваат секоја надеж за мир.
Проектот за изградба на над 3.400 станбени единици, најавен од министерот за финансии Безалел Смотрич, предизвика осуда од повеќе држави и организации.
Иако планот не се однесува на оригиналната Е1 зона, туку на дел од Маале Адумим, критичарите предупредуваат дека се работи за масовно проширување што би ја закопало можноста за палестинска држава.
