Германскиот канцелар Фридрих Мерц го повика рускиот претседател Владимир Путин да ја сфати со сериозност иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп и да започне преговори за прекин на војната во Украина, откако денеска двајцата лидери ќе се сретнат во Алјаска.
„Очекуваме претседателот Путин сериозно да ја сфати понудата на претседателот Трамп за разговори и да започне преговори со Украина без предуслови по средбата во Алјаска“, се наведува во официјалното соопштение од канцеларијата на Мерц, пренесено од германската новинска агенција ДПА.
Мерц порача дека Русија сега има шанса да го запре конфликтот и да се врати кон почитување на меѓународното право. Тој оцени дека средбата меѓу Трамп и Путин во воздухопловната база во Енкориџ би можела да претставува „значаен чекор кон мирот“, но нагласи дека Украина мора да биде вклучена во сите наредни преговори.
Германскиот канцелар изрази загриженост во однос на идејата за територијална размена која кружи како можен елемент во предлозите за договор, потенцирајќи дека секоја одлука мора да биде со согласност на Киев.
