Национални шуми заглавени во долгови. Со кредити исплаќаат плати, вработени пак не ги извршувале задачите согласно договорот.
Ова е констатирано во најновиот извшетај на Државниот завод за ревизија. Во документот пишува дека претпријатието има акумулирани обврски од над 17 милиони евра и постојана зависност од револвинг краткоточен кредит за исплата на плати поради што претпријатието се соочува со сериозни финансиски потешкотии, намалена ликвидност и ризик за одржливост на работењето.
Од вкупно 355 вработени на неопределено време, 259 вработени кои се примени на работни места сечачи, дотурачи, редачи и шумски работници, не ги извршуваат работните задачи утврдени согласно договорите, туку извршуваат административни работи и работни задачи во дирекција или подружница, стои во извештајот на ДЗР.
Ревизијата констатирала и дека има недоволна заштита на шумите но и слабости во справување со ризици од болести, пожари и бесправна сеча. Во извештајот стои и дека неправилно се евидентирани инвестиции на препријатието во износ од речиси 300 илјади евра.
Инвестиционите вложувања во износ од 2.226.00 илјади денари, потекнуваат од минати години, започнати пред формирање на претпријатието и се однесуваат на инвестициони објекти во подружниците „Бигла“ Демир Хисар (подземен резервоар за гориво) и „Равна река“ Пехчево ( бесправна градба на шумска куќа), кои се без обезбедена веродостојна документација за кои не е утврдена фактичката состојба, односно не е направена проценка за оправданост за продолжување на инвестициите, нотирале ревизорите.
Пишува и дека претпријатието над 50 отсто од производниот процес го работи со ангажирање на надворешни извршители. За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.
Симона Петровска
