Водечките европски земји испратија силна порака на поддршка за Украина, нагласувајќи дека какви било мировни преговори со Русија мора да ја вклучуваат и украинската страна.
Заедничкото соопштение беше објавено од лидерите на Велика Британија, Франција, Италија, Германија, Полска, Финска и Европската комисија, пред планираната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска во петок.
Белата куќа соопшти дека Трамп е подготвен да организира трилатерална средба, во која би учествувал и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но засега средбата останува билатерална, по барање на Москва.
Зеленски јасно порача дека “одлуки донесени без Украина се мртви одлуки”.
Зеленски претходно жестоко реагираше и на изјавата на Трамп дека може да дојде до “размена на територии” за да се постигне договор.

„Нема да ја наградиме Русија за тоа што го направи,“ порача тој. „Русија и понатаму наметнува идеја за размена на украинска територија, но тоа само ѝ овозможува подобра позиција за продолжување на војната.“
Американскиот медиум „CBS“, јави дека Белата куќа се обидува да ги убеди европските сојузници да прифатат договор во кој Русија би ја задржала целата област Донбас и Крим. Но, европските лидери во своето соопштение категорично изјавија дека „меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила“ и дека Украина има право да одлучува за својата судбина.
Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека Европа не смее да биде исклучена од мировниот процес, бидејќи е директно засегната во сопствената безбедност.
„Европа мора да биде дел од решението,“ напиша тој на мрежата Х.
Зеленски во неделата им се заблагодари на сојузниците и нагласи дека крајот на војната мора да биде праведен.
Средбата во Алјаска би била првата меѓу актуелни претседатели на САД и Русија по самитот Бајден-Путин во Женева во 2021 година – само девет месеци пред Москва да ја започне целосната инвазија врз Украина.
Денес, Русија сè уште контролира значителни делови од источна Украина, но не успеа да постигне одлучувачки воен пробив.
