Во Солун во периодот од 4-ти до 13-ти јули годинава се одржа деветтата меѓународна летна медиумска академија „ТHISAM“ на тема „Откривање на идните медиуми“. Aкадемијата е организирана од страна на Школата за новинарство и масовни комуникации при Универзитетот „Аристотел“ во Солун.
Предавањата кои беа дел од академијата беа посветени на клучните предизвици и алатки во медиумскиот свет, а учесниците кои беа дел од неа имаа прилика да стекнат знаења и искуства од предавачи и професори со долгогодишни искуства.
И покрај културолошките различности, студентите кои беа дел од академијата успеаја да го спојат светот во едно. На предавањата учествуваа над 300 студенти од земјите ширум светот како Канада, Америка, Грција, Северна Македонија, Хрватска, Словенија, Филипини, Египет, Кина, Романија и Бугарија.
За време на десетдневната програма учесниците имаа можност се стекнат со широк спектар на знаења поврзани со напредните алатки на вештачката интелигенција, но и да ги дополнат нивните вештини за медиумската писменост и критичкото размислување.
Преку интерактивни сесии, работилници и дискусии со професори и експерти од целиот свет учесниците го надградуваа нивното знаење и ги развиваа практичните вештини потребни за медиумската индустрија.
Едни од темите на разработка беше етиката во новинарството со цел да се продлабочи знаењето на присутните за медиумската писменост, моралот и одговорноста при известување и пишување, како и тестирањето на сопствените етички принципи.
Беше опфатена и една од најактуелните теми, а тоа е вештачката интелигенција која претставува еден од новите бранови во медиумскиот свет, но и опасностите кои можат да се појават од нејзиното несовесно и неетичко користење. Освен во проучувањето на вештачката интелигенција учесниците ја развиваа нивната креативност преку изработка на алатки со вештачка интелигенција кои би можеле да помогнат во секојдневната работа на медиумските работници.
Мобилното новинарство беше применето преку практична работа на учесниците кои работеа во групи и имаа задачи да ги применат техниките на овој тип на новинарство, со цел да креираат медиумски продукт. Па така преку барање на приказни, до едитирање на снимениот материјал, сите тимови успешно креираа видеа за одредена тема.
Не беше изоставен ни делот во креирањето на подкаст продукт, кадешто секој имаше можност да ги научи техниките, а истите понатаму и да ги примени.
Се зборуваше и за глобалните закани и нарушувања во медиумите и новинарството. Присутните ја истражуваа улогата на Европскиот парламент во борбата против дезинформациите и манипулацијата со информациите, како и дискурсот на вештачката интелигенција наспроти емоционалната интелигенција со акцент на визуелно претставување како и наративот на војни, конфликти и хуманитарни кризи.
Кои трендови се сега активни, и како да се привлечат младите преку нови иновативни медиумски содржини беше уште еден дел на што беше посветено внимание.
Сите учесници успешно ја завршија летната академија и ги презентираа своите финални медиумски продукти. Идните медиумски професионалци го споија светот во едно за време на 10те дена поминати заедно, со јасна порака дека „Светот е бисерна школка“.








