Портпаролот на Израелските одбранбени сили (ИДФ), бригаден генерал Ефи Дефрин, на прес-конференција вечерва изјави дека израелските воздухопловни сили во изминатите 40 часа непрекинато изведуваат напади врз Иран, со фокус на Техеран.
– Во овој момент, пилотите на воздухопловните сили продолжуваат да напаѓаат и да нанесуваат значителни удари во различни области во Иран. Станува збор за низа напади што не престанале 40 часа, вклучувајќи над 150 цели, рече Дефрин. Тој додаде дека од Техеран „се управува со убиствениот терористички режим, кој претставува закана за целиот западен свет“, истакнувајќи дека „Техеран повеќе не е имун“.
По ноќните напади врз иранската противвоздушна одбрана, Дефрин изјави дека „стотици израелски авиони и летала моментално ја одржуваат воздушната надмоќ над западен Иран и Техеран“.
„Леталата завршуваат бран напади врз стратешки цели на воената индустрија, цели на нуклеарната програма и високи функционери во иранското терористичко раководство“, додаде тој.
Пред малку, иранските државни медиуми објавија дека противвоздушната одбрана е активирана околу стратешкото пристаниште Бандар Абас, како и во главниот град Техеран, бидејќи израелските напади, според извештаите, се обновени.
Противвоздушната одбрана е активирана и во Табриз и Исфахан, кои исто така се под израелски напад.