Товарниот брод со контејнери сè уште е заглавен во Суецкиот Канал, но влечни бродови успеаја да го придвижат и под бродот почна да тече вода.
Претставници на компанијата што управува со каналот изјавија дека е постигнат одреден успех и се надеваат дека бродот може да исплови до крајот на денот.
Бродот Евер Гивен е блокиран од вторникот во еден од најфреквентните трговски поморски патишта и сега околу 300 бродови чекаат од двете страни на каналот за да поминат, додека некои бродови веќе одлучија да тргнат на две недели подолго патување околу Африкански Рт на добра надеж.
Вчера беа ископани околу 20.000 тони песок околу „Евер гивен“ и бродот почнаа да го влече 14 специјални пловила во обид да го ослободат.
Иако силните плима и осека, како и налетите на ветрот ги отежнуваат напорите, бродот е поместен за 30 степени.
Генералот Осама Рабие, управител на Суецкиот канал, рече дека водата започнала да тече под бродот.
– Очекуваме дека во секој момент бродот може да се лизне и да се помрдне од својата позиција, рече тој на прес-конференција, додавајќи дека се надева оти нема да биде потребно да се прибегне кон втора фаза, која ќе бара многу повеќе време, а со цел да се отстрани дел од 18.300 контејнери за да се намали тежината на бродот.
Околу 12 проценти од светската трговија минува низ каналот долг 193 километри што ги поврзува Средоземното и Црвеното Море и е најкраткиот пат од Азија до Европа.
Според Лојдс Лист, блокадата во каналот спречува премин на стока во вредност од 400 милиони долари со секој час.