Ковид кризата го фрли на колена туристичко – угостителскиот сектор. Лани е забележан пад од 90% на странските туристи, а на домашните за 15%. Ваучерите помогнале 2 до 3 месеци да бидат пополнети капацитетите, но не е постигнато нивото од 2019 година , се жалат од Стопанската комора на Македонија. Според нив, проекциите за годинава не се оптимистички зашто се чекаат сигнали од СЗО и од земјите од каде ни доаѓаат туристите. Во овие околности, не се спроведени сите мерките кои Владата ги најави за помош на туризмот. Меѓу нив е формирањето на Комитетот за туризам, најавен со 4 пакет антикризни мерки, кој треба да наоѓа решенија за надминување на пречките од кризата.
Иако беше најавено формирање на Комитетот, реализација сеуште нема. Ова тело од највисок ранг треба да ги разгледува предложените мерки и проекти од областа на туризмот и да има овластување за усвојување и верификација на заклучоци и одлуки, вели Ана Таневска – Ѓорѓиевска, претседателка на Здружението за угостителство и туризам при СКМ.
Од Здружението, побараа итна промена на бирократските процедури за олеснување на субвенциите, со цел, пред традиционалните гости од земјите на БЕНЕЛУКС и од регионот да се претставиме како отворена држава.
Со овој модел на субвенционирање ќе покажеме модернизација и унапредување на истиот, што пред странските тур-оператори ќе овозможи тие да ги возобноват плановите за отворање чартер летови за Македонија, како што беше во минатото, вели Асим Меџедовиќ, заменик претседател на Здружението за угостителство и туризам при СКМ.
За странските туристи потребно е во сместувачките капацитети да ги има бесплатните ПСР тестови. Резултатите да се издаваат на англиски јазик , во рок од 24 часа и да има протоколи за евентуално откриени ковид позитивни .
Од вкупниот капацитет да има најмалку 5 , а најмногу 10 соби за позитивно тестирани лица во изолација. Здравствената состојба да се следи од наблиската болница , до оздравувањето. Во случај да е потребна медицинска нега , лицата да се сместуваат во најблискиот ковид центар на товар на ФЗО, вели Александар Кузмановски, заменик претседател на Здружение за угостителство и туризам при СКМ.
И покрај неизвесноста, македонските туристички потенцијали виртуелно ќе бидат промовирани на Туристичка берза, што ќе се одржи на 25 и 26 февруари.
Сотир Трајков