Економија Топ вести

Во петтиот пакет нема да има платежни картички за граѓаните

Ако картичките за граѓаните беа популизам, ќе владеевме како во Северна Кореја бидејќи помош добија 700.000 граѓани. Вицепремиерот Фатмир Битиќи не гледа популизам како што гледаше опозицијата во тоа што до сега се делеа платежни картички или пари за ранливи категории граѓани. Вели ад – хок мерки не ни требаат, туку треба системско решение. Платежни картички за граѓаните нема да има во новиот петти пакет антикризни мерки вреден над 50 милиони евра. Тој ќе се дефинира до крајот на неделава, а Владата ќе треба да пресече и дали ќе продолжи со финансиската помош за исплата на минималец или ќе им понуди на компаниите бескаматни кредити.

Владата се откажа од идејата да дели платежни картички и пари како до сега за ранливи категории граѓани како пензионери, невработени, самохрани родители, вработнеи со ниски примања…Во петтиот пакет антикризни мерки нема да се вбризгаат директно пари кај граѓаните. Вицепремиерот Битиќи вели не ни требаат ад-хок мерки за време на криза,туку системско решение. Смета дека поголема помош за граѓаните сега ќе биде отписот на каматите за заостанатите долгови кај јавните претпријатија. Но, не гледа популизам во тоа што до сега се делеа картички, за што критикуваше и опозицијата.

За популизам не можам да зборувам. Затоа што знам дека 700.000 граѓани добија директна финансиска поддршка. Ако ја земете целата коалиција која што владее нема земено 700.000 гласови. Ако беше директен популизим тоа ќе значеше дека сега ќе владеевме како во Северна Кореја. Затоа не е класичен популизам – изјави Битиќи.

До крајот на неделава Владата ќе го донесе петтиот пакет и ќе пресече дали компаниите наместо пари за минималец, ќе добијат бескаматни кредити. Битиќи вели тоа е исто оти и финансиската помош за плати била кредит, но не била разбрана. И додека главно барање на бизнисот и синдикатите е таа да продолжи, Битиќи им порача на бизнисмените дека грижата за зачувување на работните места не може да биде само на Владата.

Со стопанствениците сме многу блиску да имаме исто разбирање. Ние никогаш не сме дале неповратни финасиски средства за финансиска поддршка за плати. Тие беа условени средства во кои што тие мора да исполнат одредени услови, аконе ги исполнат ќе треба да ги вратат парите. И тоа е во суштина еден вид кредитирање. Еве грешката била не сме го кажале тогаш кредитирање, па сега го кажуваме кредитирање, но е еден вид на кредитирање – рече Битиќи.

Владата се надева дека петтиот пакет ќе важи и за февруари.

Јас сум убеден дека наредните законски решенија кои ќе произлегуваат од петтиот сет економски мерки ќе биде поддржан и од страна на опозицијата, бидејќи јавно кажуваат дека се за поддршка на граѓаните и стопанството – изјави Бектеши.

Петтиот пакет ќе тежи околу 50 милиони евра и во него ќе има дваесетина мерки. Ќе има поддршка  за хотелите надвор од туристичките места, за медиумите, меѓународниот транспорт, за индустријата за организирање на настани, за тутунарите. До крајот на март ќе има и повик за доделување на ваучери за туризам вредни 250 евра, за семејства со приходи под 30.000 денари. Од четирите пакети пак до сега кои требаше дека тежат над 1 милијарда, искористени се само 350 милиони евра. За слабата искористеност на мерките, Битиќи  вина гледа кај опозицијата која два и пол месеци ги кочела во собранието трите закони, кои кај компаниите требало да вбризгаат 250 милиони евра.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во израелски напад загина снимател на Ал Џезира

Дејан Дејан

Пронајден возачот што удри девојче и избега од местото на несреќата

Дејан Дејан

Крвава ноќ во Запорожје: Петмина загинати во жестоки напади

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе