ЕУ ги оствари заканите кои со денови ги упатува кон производителот на вакцини Астра Зенека. Претпладнево објави реадктирана верзија од договорот што го потпиша со британско-шведската компанијата уште во август, а според кој, Астра Зенека треба да и достави 300 милиони вакцини во Европа, со можност за уште 100 милиони.
Сакаме да го објавиме денеска. Зборувавме со компанијата за тоа кои делови да бдиат затемнети. Ова е доволно чувствителен податок, тоа е јасно. Но, во основа сакаме да има транспарентност за овие прашања. Точно знаеме што содржи договорот, и затоа за нас е важно да биде истиот да се види и во јавноста, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Брисел се сомнева дека Астра Зенека лиферувала дел од нејзините вакцини за Велика Британија која пак потпишала договор со компанијата три месеци пред ЕУ. И затоа сега најавува намалена достава за три четвртини, односно 75 милиони дози. За ЕК, договорот е прецизен и обврзувачки дека не смее да има одложување . Астра Зенека одбива да го покаже договорот со В.Британија, поради што Брисел испрати инспектори во фабриката во Белгија. Вакцината на Астра Зенека се уште не е одобрена за европскиот пазар, а зелено светло се очекува во текот на денот.
Во меѓувреме, ЕУ останува отворена и за другите вакцини, со кои нема потпишано договор, како кинеската Синофарм и руската Спутник 5. Русија понуди да достави сто милиони дози од својата вакцина, а овој предлог веќе се разгледува на централно ниво. Унгарија, како земја членка сепак одлучи да ги заобиколи бирократските процедури и одобри влез на кинеската вакцина.
Надеж дава американската компанија Новавакс, чија вакцина се покажа ефикасна во речиси 90% и за британскиот мутиран ковид, кој е полесно пренослив. Доброто тука е што овие вакцини се направени на традиционален начин, велат научниците, и можат масовно да се произведуваат.
Во најголем дел ова е традиционален начин на технологија на вакцини. Но, во овој случај, Новавакс произведува со екстремно мала доза на спајк протеинот, што значи дека имаат огромен капацитет да забрзаат и да произведат енормен број на дози потребни да се вакцинира целиот свет, што во моментов ни треба, смета Пол Хелт, менаџер на програмата за испитување на вакцината во В.Британија.
ЕУ е под сериозен притисок поради хаосот кој настана поради доцнењето на вакцините. Дел од населението веќе ја прими првата, и останува неизвесно дали целосно ќе се имунизираат со вторта доза.
Алиса Шутиноска
