Европската комисија побарала од белгиските власти да извршат инспекција во фабриката на АстраЗенека во земјата, откако компанијата пријави проблеми во производството. Белгиската федерална агенција за лекови и здравствени продукти го потврди барањето од комисијата и соопшти дека инспекцискиот надзор се уште не е извршен. Од таму додадоа и дека покрај во Белгија, инспекција ќе биде извршена и во други фармацевтски фабрики во повеќе европски земји. ЕК одби да даде коментар за новинските агенции, но претходно еврокомесарката за здравство изјави дека унијата инсистира да бидат испорачани договорените количини.
Ние имаме намера да го браниме интегритетот на нашите инвестиции и парите на даночните обврзници што беа вложени. Остануваме секогаш отворени за соработка со компанијата за решавање на сите отворени прашања во духот на вистинска соработка и одговорност, порача Стела Кириакидес, еврокомесар за здравје.
Во обид да најде оправдување за задоцнувањето, извршниот директор на АстраЗенека, Паскал Сориот изјави дека договорот со ЕУ за испорака на 300 милиони дози бил склучен предоцна, што не и оставило доволно време на компанијата да ги надмине проблемите кои претходно се појавиле во партнерската фабрика во Белгија.
Притисокот врз ЕК е се поголем затоа што нивната програма за заедничка координирана програма за вакцинација започна со голем неуспех, додека земји како Велика Британија и Израел, кои ги користат вакцините од истите производители веќе вакцинираа значителен дел од своите популации. Како дополнителен удар се појави и препораката на германското комисија за вакцинација, според која вакцината на АстраЗенека треба да биде понудена само на лица помлади од 65 години. Според германската комисија препораката доаѓа затоа што немало доволно податоци за ефикасноста на вакцината кај постари пациенти.
Како и да е, знаеме уште есента затоа што оваа дебата продолжува веќе неколку месеци, дека кај АстраЗенека има помалку податоци од истражувањата кај повоздрасните групи. Не станува збор дека се лоши податоците, туку дека има малку од нив. И затоа беше за очекување дека ова ќе влијае врз одлуката на регулаторните власти и комисијата за вакцинирање исто така, рече германскиот министер за здравство Јенс Спан.
Колку е сериозна ситуацијата посочува и фактот што голем дел од европските земји или за запреа вакцинацијата или воопшто и не ја започнаа. Покрај АстраЗенека и Фајзер Бионтек, кои и двете не ги испорачаа договорените дози, унијата го очекува и одобрувањето за користење на вакцината на Модерна. Но далеку од веројатно е дека тоа ќе ги надомести потребните количини предвидени за првиот квартал од годината.
Игор Трајков