Нашата вакцина е ефикасна и против мутациите на коронавирусот, соопштија денеска фармацевските компании „Фајзер/Бионтек“. Вакцината задржува голем дел од својата ефикасност и против главните мутации на коронавирусот што ги предизвикува Ковид-19, англискиот и јужноафриканскиот сој. „Тестовите не покажаа потреба за нова вакцина за справување со новите соеви“, наведуваат двете компании, и велат дека „ќе продолжат да ги следат новите соеви“.
Европската унија и компанијата „AстраЗенека“ не успеаја да дојдат до напредок во разговорите за одложената испорака на вакцини против коронавирусот, соопшти синоќа еврокомесарката за здравство, Стела Кирјакидес.
ЕУ веќе една недела врши притисок врз „АстраЗенека“ да испорача повеќе дози од својата вакцина од фабриките во Европа и Велика Британија, откако компанијата соопшти дека ќе има одложување.
Ние имаме намера да го браниме интегритетот на нашите инвестиции и парите на даночните обврзници што беа вложени. Остануваме секогаш отворени за соработка со компанијата за решавање на сите отворени прашања во духот на вистинска соработка и одговорност – Стела Кириакидес, еврокомесар за здравје.
Во време кога владее загриженост за одложувањето на вакцинацијата, Јапонија соопшти дека британско-шведската компанија „АстраЗенека“ ќе произведе повеќе од 90 милиони дози на вакцината во нивната земја. Иако Јапонија пораќа 120 милиони дози, недостатокот ќе биде обезбеден со узов. Експертите велат дека ќе ги попречат напорите на владата да го вакцинира мнозинството од населението пред Олимписките игри во Токио во јули.
По привременото одложување на производството на вакцини, фабриката „Фајзер“ во белгискиот град Пурс го врати распоредот на испораки до коминтентите во нормала, соопшти денеска компанијата. Минатата недела и на почетокот на оваа биле испорачани само осум проценти помалку дози од договорените.
„Фајзер“ на 15 јануари соопшти дека привремено за Европа ќе доставува помалку дози вакцини, а доцнењето требаше да има ограничен ефект само за периодот од 18 до 25 јануари.
Многу европски земји најавија тужби против американската компанија поради одложувањата, бидејќи им е нарушен планот за вакцинирање на населението.
Тимот на Светската здравствена организација денеска излезе од карантин во кинескиот град Вухан и ја почнува теренската работа во мисијата на утврдување на фактите за потеклото на коронавирусот што ја предизвика пандемијата на Ковид-19. Во последните 24 часа во светот од Ковид-19 умреле 18.000 лица.
Билјана Ставрова
