Патнички авион со 62 патници и членови на екипажот денеска исчезна од радарите, само 4 минути по полетувањето од аеродромот во Џакарта. Според веб страната за следење на летови „Флајтрадар 24“ авионот на Шривиџаја Ер изгубил повеќе од 3.000 метри висина за помалку од една минута, само 4 минути по полетувањето од Џакарта.
Иако се уште нема официјална потврда за судбината на авионот, очевидци за локални и западни медиуми сведочат дека го виделе како паѓа.
Рибари за локалните медиуми изјавиле дека го виделе авионот како паѓа од небото и експлодира кога се урнал во водата. Други локални жители за индонезиски медиуми изјавиле дека слушнале најмалку една експлозија, додека жители на остров во близина на местото каде воздушната контрола изгубила контакт со Боингот 737 на Шривиџаја, изјавиле дека на нивниот брег водата донела остатоци од авионот.
Шривиџаја Ер е нискобуџетна авиокомпанија која лета локално и до дестинации во Југоисточна Азија. Авионот кој се урна е Боинг 737 500, постар модел од 737 макс кој минатата година поради недостатоци во дизајнот беше приземјен, по авионската несреќа на Лајон ер токму во Индонезија. 737 500 е втора генерација на серијата 737 на Боинг, произведувани во 1980 и 90 години и до сега има речиси беспрекорна безбедносна историја. Авионот бил стар 26 години, и иако многу од авиокомпаниите претпочитаат да користат нови авиони поради економичноста во потрошувачката и одржувањето, сепак не е необично да се најде толку стар авион се уште во употреба.
Индонезија има исклучително лоша историја на безбедност на комерцијални летови. Поради честите инциденти, повеќе од 10 години индонезиски авиокомпании беа на црната листа на ЕУ и не им беше дозволено летање до дестинации на Стариот континент. Целата флота 737 макс беше приземјена токму поради уривањето на авионот на Лајон Ер, и иако се верува дека грешки во дизајнот на авионот се главната причина за уривањето, истражителите посочија на бројни недостатоци во одржувањето и обуката на пилотите во Индонезија.
Игор Трајков