Земјите од Европската унија денеска ја започнаа координираната имунизација против Ковид-19. Првите пациенти од 22 земји членки ја примија првата вакцина, додека останатите пет, тоа го сторија вчера, веднаш по пристигнувањето на првите дози, одбивајќи го повикот на ЕК имунизацијата да започне во исто време во сите земји членки. Иако не се исполни желбата на претседателката Урсула Фон Дер Лајен, сепак, симболичната важност на денешниот ден не е изгубена за никого.
Знаеме дека пандемијата нема да заврши денеска, но вакцинацијата е почеток на победата над пандемијата. Вакцинацијата е најважниот фактор, отсекогаш го знаевме тоа и денеска го одбележуваме почетокот на таа фаза, порача австрискиот канцелар Себастијан Курц.
ЕК склучи договори со повеќе фармацевтски компании за над 2 милијарди вакцини а германско-американската Физер-Бионтек беше само првата одобрена од Европската медицинска агенција. Од сега па натаму, испораките ќе се случуваат на неколку денови, се додека не се исполни зацртаната цел, да се вакцинираат што повеќе од 446 милионите жители на континетот, и да се стави крај на пандемијата.
Очигледно ова е првиот чекор на патот, кој не е краток, туку е пат на кој претстојат уште многу недели тешка работа за вакцината да биде дадена на што поглем број луѓе. Ќе мораме да издржиме уште многу недели и да се бориме со инструментите кои ги добивме, рече италијанскио министер за здравство Роберто Сперанза.
Речиси една година по почетокот на епидемијата во Европа, ситуацијата се уште е критична. Во голем дел од земјите во моментов на сила се строги рестриктивни мерки за ограничување на ширењето на коронавирусот. Повеќе од 335.000 ја изгубија битката со Ковид-19 од почетокот на епидемијата на Стариот континент а над 14 милиони беа заразени.
Игор Трајков