Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, поддржан од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), за денеска, под мотото „Здравството на протест за плати”, најави протест пред Министерството за здравство.
Протестот го организираат за да го изразат незадоволството од непотпишување на анексот на колективниот договор за здравствена дејност со што требаше да се зголемат платите на вработените во овој сектор.
Протестот ќе започне во 9 часот пред Работничкиот дом и во 10 часот ќе продолжи пред Министерството за здравство.
„Протестираме за да кажеме дека бараме да се потпише Анексот веднаш по завршување на изборниот процес, но со дополнително соодветно зголемување на коефициентите на вработените согласно зголемените трошоци на живот“, велат од Синдикатот.
Оттаму ги повикуваат политичките партии кои претендираат да ја водат државата и како нивен иден социјален партнер да ги слушнат нивните барања. „Протестираме за да покажеме дека сме тука, дека не отстапуваме од нашите барања за зголемување на платите на вработените во дејноста и веруваме дека ќе бидеме слушнати. Ако не нѐ слушнат ќе се вратиме повторно и ќе се вратиме побројни“, се вели во најавата за протестот.
ССМ на 2 април организираше уште еден протест. Тој се одржа пред зградата на Врховниот суд, каде што „судиите добија жолт картон“ поради судската одлука да им се одземе сопственоста на Работничкиот дом
За 1 мај, пак, ќе се организира традиционалниот првомајски марш од кој ќе биде испратена порака дека работниците очекуваат најмалку 450 евра минимална плата во првите 100 дена од новата влада и враќање на хранарината и превозот.
