Денес завршува рокот за исплаќање на шесте илјади денари на луѓето на кои им следува државна помош заради Ковид-ситуацијата. Ќе има ли продолжување на крајните рокови и до кога – уште не се знае, но се преговара – велат од Владата. Останува обврската и за лицата со блокирани сметки да потпишат договорна документација за отворање наменска сметка, за парите да не се вратат назад во буџетот. Сепак таа обврска треба да биде завршена најдоцна денес, како и обврската за ажурирање на податоците. Рокот за поднесување приговори и жалби за оние што не добиле помош, а имаат основ да добијат – веќе е изминат, а приговорите кои се околу седумесет илјади се разгледуваат.
А, од Комората на извршители велат дека издале препорака до своите членови околу целата ситуација.
Бидејќи нема решение како да се подигнат парите од блокираните сметки во оние банки каде не се отвара наменска сметка, Комората на извршители издаде препорака до своите членови да вршат времено деблокирање на сметките на оние граѓани кои го оствариле правото на помош, па после подигнување на износот, да се спроведе повторно блокирање на сметката. Таквата препорака од Комората до своите членови се однесува само на постапки кои се водат според Законот за извршување, велат од Комората на извршители.
Луѓето и денес како и секој ден откако се даваат парите во банките, во редици чекаат да дојдат на ред. Дел од нив веќе имаат план како да ги потрошат парите, а да не е тоа на домашни производи.
Во овој сет на мерки за помош на граѓаните поради справување со Корона-кризата, помош од шест илјади денари ќе добијат 283 илјади граѓани. За ова владата има одвоено нешто повеќе од 27 милиони евра.
Петар Догов